Белорускиот суд ги означи како екстремистички официјалниот канал на Телеграм и некои од сметките на белорускиот сервис на Радио Слободна Европа на социјалните мрежи. Оваа одлука е последна во низата обиди на белорускиот режим за задушување на независните медиуми и граѓанското општество во Белорусија.
Одлуката да се означат како екстремистички сметките на РСЕ, вклучително и нејзиниот канал на Јутуб, е донесена денеска од Централниот окружен суд, врз основа на информациите обезбедени од Главната дирекција за борба против организираниот криминал и корупција, позната како ГУБОПиК.
Во соопштението на Канцеларијата се наведува дека секој што ќе се претплати на канали или други медиуми означени како екстремисти може да се соочи со затворска казна или други казни, како што се парични глоби.
Властите во Белорусија прогласија за екстремистички стотици канали на Телеграм, блогови и „соби за разговор“, откако земјата беше зафатена од протести по претседателските избори во август 2020 година, кои на авторитарниот лидер Александар Лукашенко му овозможија шести последователен мандат.
Како одговор, владата жестоко го пресече продемократското движење, апсејќи илјадници луѓе, а водечките опозициски лидери беа протерани надвор од земјата. Имаше и веродостојни извештаи за тортура и малтретирање, а неколку луѓе починаа.
Десетици веб-страници за вести се блокирани во Белорусија, а независни медиуми се затвораат како дел од сеопфатното задушување на информациите по протестите.
Веб-страницата на белорускиот сервис на РСЕ е блокирана во Белорусија од 21 август 2020 година, додека акредитацијата на сите локални новинари кои работат за странски медиуми, вклучително и РСЕ, беа поништени од белоруските власти во октомври 2020 година.