ЕУ ѝ донираше на БиХ пари за помош на бегалци и мигранти

Илустрација - Деца во импровизиран бегалски камп кај Велика Кладуша, БиХ

Европската унија (ЕУ) и додели на Босна и Херцеговина дополнителни 2,5 милиони евра хуманитарна помош за поддршка на загрозените бегалци и мигранти, соопшти денеска Делегацијата на ЕУ во БиХ.

„Се проценува дека над илјада луѓе се надвор од привремено сместување, со ограничен пристап до основните услуги. Тие се изложени на постудено време со приближувањето на зимата, како и на бројни заштитни ризици, додека ситуацијата со децата без придружба бара посебно внимание“, се наведува во соопштението.

Се додава дека еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич изјавил дека околу 4.000 бегалци и мигранти останале беспомошни во БиХ, а многумина од нив спиеле на отворено.

Грантот од 2,5 милиони евра ќе обезбеди натамошна поддршка за теренска работа и заштита, вклучително и заштита на децата и поддршка за деца без придружба, и внатре и надвор од центрите.