Украинскиот министер за одбрана ја обвини Русија дека се подготвува за можна офанзива

Илустрација - Зградата на Министерските кабинети во Киев, Украина

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ја обвини Русија дека се подготвува за можна голема воена офанзива следниот месец, со тоа што натрупа 94 илјади војници во близина на границата со Украина. Тој денеска пред Парламентот рече дека Киев нема да ги поттикнува тензиите во областа, но дека „Украина ќе возврати доколку е потребно“.

„Нашето разузнавање ги разгледува сите можни сценарија, вклучително и најлошото. Се нагласува дека постои веројатност за ескалација од големи размери од страна на Русија. Најверојатен термин во кој мора да бидеме подготвени да се спротивставиме на таква ескалација ќе биде крајот на јануари“, рече тој.

Видете и ова: Столтенберг: Русија би платила висока цена за агресија врз Украина


Резников рече дека соработката со западните партнери ја намалува заканата и дека тие се заинтересирани за политичко и дипломатско решение. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред неколку дена ја предупреди Москва дека секоја повторна агресија на Украина ќе предизвика „сериозни последици“.

Блинкен денеска во Стокхолм од неговиот руски колега Сергеј Лавров побара од Русија да ги повлече своите војници распоредени во близина на Украина и да ги почитува договорите од Минск со цел да се стави крај на конфликтот на истокот од земјата. Русија негира дека се спрема за офанзива и го обвини Западот дека ги зголемува тензиите.