Двата авиони со кои треба да се пренесат посмртните останки на жртвите од автобуската несреќа поради лошите временски услови на софискиот аеродром и силниот ветер, се уште не полетале. Со нив треба да се пренесат посмртните останки 45-те загинати македонски државјани.
По транспортот во Скопје останките веднаш ќе им бидат предадени на семејствата на загинатите, информираше вчера МНР. Оваа измена доаѓа согласно барањата на дел од семејствата на загинатите, а со цел телата да бидат предадени пред петочната молитва. За граѓаните кои сакаат да оддадат почит, се уште останува можноста тоа да го сторат на плоштадот Скендербег во периодот од 10 до 13 часот.
На аеродромот во Скопје ќе присуствува претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот Љупчо Николовски, министрите Бујар Османи, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши, Насер Нуредини, Јагода Шахпаска, Благој Бочварски, пратеници и поглаварот на Исламската верска заедница.
Најавено е присуство и на странски делегации.
Сообраќајната несреќа се случи на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник во Бугарија кога автобусот на „Беса транс“ – Скопје се враќал од Истанбул. Загинаа 45 граѓани, а седум беа повредени.