Нови правила за влез во САД за патниците што пристигнуваат со авион

Патници чекаат во терминалот на меѓународниот аеродром Њуарк Либерти во Њуарк, Њу Џерси, САД, ноември 2021 година.

САД, почнувајќи од 6 декември, воведуваат нови правила со кои се бара од патниците од странство да имаат негативен тест за ковид-19 не постар од еден ден. Правилата се дел од новата кампања против ковид-19, објавена на 2 декември од претседателот Џо Бајден, бидејќи новата варијанта на омикрон се заканува да ја оживее пандемијата. Во наредбата на Центрите за контрола и превенција на болести се наведува дека „мора да се презе брза и насочена акција за да се намали ширењето на варијантата омикрон во Соединетите држави“.

Што знаеме досега за Омикрон?

Според сегашните правила, вакцинираните меѓународни патници може да покажат негативен резултат од тестот добиен во рок од три дена од денот на нивното полетување. Од 6 декември „сите патници со авион, без оглед на државјанството или статусот на вакцинација, ќе треба да покажат негативен тест пред поаѓање направен ден пред да се качат на нивниот лет за Соединетите држави“. Правилото, кое ќе важи за сите патници, и американски и странски, „обезбедува дополнителен степен на заштита на јавното здравје додека научниците продолжуваат да ја оценуваат варијантата омикрон“, соопшти Белата куќа.