Позната е причината за пожарот и локацијата на неговиот првичен извор во автобусот со македонски туристи на враќање од Истанбул, што се случи на автопатот Струма, изјавија за БТВ обвинителот Бисер Михаилов и истражителот Маријан Маринов кои работат на расветлување на трагедијата.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Маријан Маринов одби да ја открие причината за пожарот и рече дека „ќе им остави на експертите“ кои веќе имаат свои „тези“. Но, истражителот коментира дека во македонскиот автобус било „нанижано“ големо парче заштитна ограда за гумата до влезната врата, била пронајдена „свиткана хармоника“ и „уништена е пластичната цистерна“.
„Можете да замислите какво триење и искри имало“, рече Михаилов.
Истражителот додаде дека автобусот бил стар и „рециклиран“ во Турција и дека целата опрема му е заменета. Теориите на заговор се неточни, рече обвинителот Михаилов отфрлајќи ги тезите дека во автобусот имало експлозив, канти со бензин или матријали за дрога. Тој нагласи дека е рано за обвинение бидејќи истрагата е во почетна фаза, но дека се собрани, како што рече, огромен број докази. Додаде дека водечката теза за причините за сообраќајката е шоферска грешка.
Инаку посмртните останки на 45 македонски граѓани кои загинаа во сообраќаната несреќа на 23 ноември се очекува утре во девет часот да пристигнат на Меѓународниот аеродром Скопје, соопшти попладнево Министетството за надворешни работи. Граѓаните ќе може да оддадат последна почит и да положат цвеќе на плоштадот „Скендербег“ и да ја проследат поворката која ќе помине по булеварот веднаш до плоштадот, во периодот меѓу 11 и 12 часот.