Говори и преговори
ГЕРМАНИЈА - Германија денеска воспостави рестрикции за невакцинираните против ковид19 во обид да го прекине драматичниот пораст на дневните инфекции со коронавирусот. Канцеларката во заминување Ангела Меркел и наследникот на нејзината функција Олаф Шолц се договорија со лидерите на 16-те покраини во Германија да им забранат на невакцинираните пристап до сите, освен до најсуштинските бизниси, како што се продавниците за храна, аптеките и пекарниците. Тие, истотака, се согласија во националниот парламент да поминат со кој вакцинацијата ќе стане задолжителна.
МАКЕДОНИЈА - Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацеви на Водно”, од позиција на претседател на Комитетот за градежна експанзија лично се интересирал за неколку земјишта во делот на Парк Шума Водно. Ова во денешниот исказ како сведок го кажа Миле Јанакиевски, кој во 2012 година беше на функцијата министер за транспорт и врски и посочи дека за земјиштето во местото Шербетница и земјиштето над локацијата на Католичката црква, разбрал од кога во рамките на комитетот ја посетиле општина Центар.
МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА / ФРАНЦИЈА - Бугарскиот претседател Румен Радев во Стразбур разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти прес-службата на претседателот на Бугарија. Радев на Макрон, како што се наведува во соопштението, му ја пренел позицијата на Бугарија дека очекува конкретни резултати во дијалогот со Република Северна Македонија што ќе гарантираат европски вредности во почитувањето на човековите права, прекинување на говорот на омраза и заштита на бугарското културно-историско наследство во држвата.
ЕУ / САД / БЕЛОРУСИЈА - Европската унија, Соединетите Американски Држави и клучните западни сојузници дополнително ги проширија санкциите против политичката и економската елита на Белорусија поради антидемократско однесување, кршење на правата и експлоатацијата на мигрантите од страна на режимот на Александар Лукашенко. Европската унија соопшти дека министрите на состанокот на Советот кој се одржа денеска ја усвоиле петтата рунда санкции.
АЛБАНИЈА - Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата со Ковид-19, денеска одлучи вакцинацијата, освен за здравствените, просветните и универзитетски работници и студенти, да биде задолжителна и за вработените во јавната администрација, во супермаркетите и трговските центри.
САД / РУСИЈА - Американскиот државен секретар Антони Блинкен побара од Русија да ги повлече своите војници распоредени во близина на Украина и да ги почитува договорите од Минск со цел да се стави крај на конфликтот на истокот од земјата. Блинкен ова го кажал на денешната средба со рускииот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Стокхолм на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ. Тој нагласил и дека ќе има сериозни последици ако Москва продолжи со политиката на конфронтација околу Украина.
САД - Матичната компанија на Фејсбук, Мета соопшти дека отстранила десетици лажни сметки на социјалните мрежи поврзани со белоруската КГБ кои биле користени за разгорување на мигрантската криза на границата меѓу Белорусија и Полска.
МАКЕДОНИЈА - Вакцините против коронавирус дадени во Македонија имаат ефикасност од спречување хоспитализација од 90 отсто, а ефикасноста против смртен исход од ковид-19 била 94 отсто. Ова го покажуваат прелиминарните резултати од истражувањето што го предводи д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска од Стокхолм, Шведска, во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.