За да не се разочараме, подобро да не очекуваме добар исход, но мора да продолжиме да работиме, вели вицепремиерот Никола Димитров за очекувањата и најавите во декември да се случи деблокада на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, на состанок на Советот за општи работи на ЕК.
„Со оглед на краткиот период, имаме само неколку дена до Советот за општи работи, до ГАК, 14 декември, мислам дека е крајно неодговорно какви било очекувања да создаваме тогаш. Формата, одржувањето на Советот е помалку важна. Ако успееме да дојдеме до едно достоинствено, европско решение, затоа што прашањето почна толку да боли насекаде, што веројатно ќе има волја кај сите, вклучувајќи го и словенечкото претседателство, да се закаже и вонреден ГАК. Не смееме, после целото искуство што го имаме да се врзуваме за датуми. Мислам дека сигналите од Софија упатуваат дека очекуваат некаков процес, во билатералните односи кој чекор по чекор ќе помогне да се затвори прашањето. Кај нив очигледно уште парламентот ќе има улога, такви се најавите“, рече Димитров во разговор за ТВ Клан Македонија.
Според Димитров, сега е важно да се одржи средба со новата влада во Софија, која ќе ги даде натамошните насоки за надминување на билатералниот спор.
Источниот сосед пак се уште нема формирано влада. Таму утре ќе се одржи првата конститутивна седница по изборите што се одржаа минатиот месец, а во тек се преговори за составување на новата влада во која би влегле четири партии- Продолжуваме со промената, Има таков народ, Демократска Бугарија и Бугарската социјалистичка партија.