Европската унија, Соединетите Американски Држави и клучните западни сојузници дополнително ги проширија санкциите против политичката и економската елита на Белорусија поради антидемократско однесување, кршење на правата и експлоатацијата на мигрантите од страна на режимот на Александар Лукашенко. Европската унија соопшти дека министрите на состанокот на Советот кој се одржа денеска ја усвоиле петтата рунда санкции.
Блокот почна со санкции кон Белорусија по по спорниот реизбор на Лукашенко за претседател минатата година, а сега се и засилени по инцидентите со илјадниците мигранти од Блискиот Исток кои се насобрани на границата на Белорусија со Полска.
Лукашенко насилно ги прекина демонстрациите, а илјадници беа притворени по изборите што се одржаа во август 2020 година. Демонстрантите и опозиционерите тврдат дека изборите биле наместени за да се продолжи 26-годишното владеење на Лукашенко.
Новите санкции на ЕУ се насочени кон 17 поединци и 11 ентитети за кои се смета дека се одговорни за кризата на границата меѓу Полска, која е земја членка на Европската унија и Белорусија. ЕУ досега има воспоставено санкции за 183 белоруски физички лица и 26 ентитети. Велика Британија, Соединетите Држави и Канада, исто така, објавија свои казнени мерки насочени кон белоруските ентитети.