Средба Блинкен-Лавров во Стокхолм

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускииот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средба во Стокхолм

Американскиот државен секретар Антони Блинкен побара од Русија да ги повлече своите војници распоредени во близина на Украина и да ги почитува договорите од Минск со цел да се стави крај на конфликтот на истокот од земјата. Блинкен ова го кажал на денешната средба со рускииот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Стокхолм на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ. Тој нагласил и дека ќе има сериозни последици ако Москва продолжи со политиката на конфронтација околу Украина.

Блинкен „го повтори повикот на Соединетите Американски Држави до Русија да ги повлече своите сили и да се придржува до договорите од Минск и прекинот на огнот во Донбас“, се вели во соопштението на Стејт департментот испратено од канцеларијата на портпаролот Нед Прајс. Во него се додава дека „најдобриот начин да се избегне криза е преку дипломатија“.

Разговорите на Блинкен со Лавров следуваат еден ден по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига, Латвија, каде што Блинкен рече дека руските воени операции излгеда дека се обид одвнатре да се дестабилизира Украина.

Украина и западните официјални лица велат дека Русија чува десетици илјади војници и тешка опрема во близина на украинската граница кои се таму од воените игри што се одржаа во западниот дел од земјата во почетокот на оваа година. Русија, која ги поддржува сепаратистите кои се борат против Киев во источна Украина, негира дека планира напад. Москва ги обвинува Украина и нејзините западни поддржувачи за дигање тензии, посочувајќи на, како што вели, сличното зголемување и на украинската војска.

Лавров, како што соопшти руското Министерство за надворешни работи по разговорите му рекол на Блинкен дека на Москва и се потребни „долгорочни безбедносни гаранции“ кои ќе го запрат проширувањето на НАТО кон исток.
Тој го предупредил Вашингтон да не ја „вовлече Украина во геополитичките игри на Соединетите држави“ и рекол дека на Русија и се потребни „долгорочни безбедносни гаранции на западните граници, што треба да се гледа како императивно барање“, се вели во соопштението на Министерството.

Лавров ја повторил изјавата дадена на први декември од претседателот Владимир Путин, кој побара правни гаранции дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток и да распореди оружје во близина на границите на Русија, повикувајќи се на западните испораки на оружје за Украина и заедничките воени вежби.