Шефот на бугарската држава Румен Радев очекува од Северна Македонија да покаже европска зрелост и да ги почитува европските вредности и преку активен билатерален дијалог на високо ниво да се решат спорните прашања меѓу двете земји.
Радев денеска имал работна средба со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во Стразбур на која размениле мислења меѓу другото и за европската перспектива на Република Северна Македонија, јавува БНТ.
Радев од С. Македонија бара да преземе конкретни активности за запирање на говорот на омраза кон Бугарија во учебниците по историја, во државните и научните институции, во јавните медиуми, потоа да запре фалсификувањето на бугарската култура и историско наследство и особено да се почитуваат правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет.
Бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Димитров денеска изјави дека прво треба да се формира влада во Бугарија, па да се решава спорот меѓу двете земји.
„Разговорите продолжуваат, тие никогаш не запреле и се водат доверливо меѓу двете министерства за надворешни работи. Се надевам дека ние ќе добиеме нова влада. Утре е првата сесија на новиот Парламент на Бугарија и се надеваме дека новата политичка влада ќе постигне договор со Владата на Северна Македонија. Треба да оставиме да се формира владата, затоа што во Парламентот има седум политички партии и е многу тешко постигнувањето на решение. Така што, се надевам дека прво ќе избереме влада за да може да се дојде до решение“, рече Ангелов, на новинарско прашање при работната посета на Штип.
И амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Рејчел Галовеј која денеска присуствуваше на дебата во Тетово изрази надеж дека со составување на Владата во Бугарија интензивно ќе продолжи евроатлантскиот процес за Северна Македонија.
Бугарија една година го блокира стартот на преговори на Македонија со ЕУ.