Фајзер најдобра во спречување хоспитализација, Синовак во спречување смрт

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Вакцините против коронавирус дадени во Македонија имаат ефикасност од спречување хоспитализација од 90 отсто, а ефикасноста против смртен исход од ковид-19 била 94 отсто.

Ова го покажуваат прелиминарните резултати од истражувањето што го предводи д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска од Стокхолм, Шведска, во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.

Вакцините од различните производители немале големи разлики во нивната ефективност во спречување смрт од ковид-19, но имале разлики во спречување хоспитализација од ковид-19.

Најефикасна вакцина за спречување на хоспитализација била на Фајзер со ефикасност од над 97 отсто, АстраЗенека била ефикасна 94 проценти, а Синовак над 92 проценти. Сонофарм била ефикасна над 81 отсто, а најслаба во спречување хоспитализација била вакцината на Спутник со ефикасност од 80 отсто.

Разликите меѓу различните вакцини во ефикасноста за спречување смртен исход била многу помала. Тука како најефикасна се покажала вакцината на Синовак со ефикасност од над 96 отсто, АстраЗенека со над 95 отсто, а Спутник и Фајзер имале ефикасност од спречување смрт од над 94 отсто. Синофарм има ефикасност од 91 отсто.

Постарите од 65 години имале повеќе од двојно поголем ризик од завршување во болница или смрт од помладите, а мажите се поризична категорија од жените.

Истражувањето покажало дека заштитата со само една доза вакцина е околу 40 отсто.