Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски сериозно размислува за кандидатура за претседател на СДСМ, но, како што вели, утре ќе соопшти дали ќе го направи тоа. Тој вели дека е член на партијата 25 години и смета дека може да понуди нов концепт околу кој ќе се обединат не само партијата, туку и општеството.
„Одлуката не е лесна. Предизвикот е голем, времето е доста комплицирано и одговорноста е голема. Одлуката ќе ја соопштам утре, бидејќи сакам денеска да го искористам денот да се исконсултирам дополнително со моите најблиски и со моето семејство зашто и нив ги вовлекувам исто така во целата приказна“, рече Деспотовски во одговор на прашање на денешната средба со новинарите во Дирекцијата на ТИРЗ.
Рокот за пријавување истекува утре во 16 часот.
Вчера свои кандидатури и програми поднесоа поранешната потпретседателка на СДСМ Фросина Ременски и заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски.
Вонредниот конгрес на СДСМ на кој треба да се избере нов лидер ќе се одржи на 12 декември. Лидерот на СДСМ во оставка, Зоран Заев инсистира на тоа новиот шеф на партијата да биде и мандатар за состав на владата.
СДСМ на 27 ноември ја прифати оставката на Заев од партиската функција, која тој ја најави на 31 октомври, вечерта на вториот круг од локалните избори, на кои СДСМ изгуби од ВМРО-ДПМНЕ.