„Можеме да ви кажеме дека имаме напредок, следуваат консултации од нашите партии“, изјави кусо лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, по денешните разговори во Клубот на пратеници со премиерот Зоран Заев, за евентуалното приклучување на оваа партија во владата.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши по четири часа средба, го напуштија Клубот на пратеници. Тие не сакаа да коментираат каде се закочени преговорите за проширување на парламентарното мнозинство и дали ќе има нова средба.
Во соопштението од денешната средба се додава и дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел за постигнување договор за можна заедничка влада, која според двете страни, ќе треба да се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза.
- Новиот премиер ќе треба да води влада скроена од Заев
- Алтернатива се надева на поголем дел од „владиниот колач“ од реалниот
На денешната средба требаше да се разгледуваат кадровските решенија и распределбата на ресори.
Претходно премиерот Заев и Гаши имаа средба во понеделникот, кога, според соопштението испратено од владината прес-служба по нејзиното завршување, начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и дека консултациите за кадровските решенија се во тек. Тогаш беше најавено и дека по консултациите во партиите ќе следи и нова работна средба со тимовите.