Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја предупреди Русија да не користи сила против соседна Украина и изјави за Ројтерс дека Москва знае дека ќе плати висока цена преку санкции и други чекори на Западот за каква било агресија.
Украина, поранешна советска република која сега сака да се приклучи на Европската унија и НАТО, стана главна точка на несогласување меѓу Русија и Западот.
„Сите јасно ставивме до знаење дека цената ќе биде висока, а санкциите се една од опциите“, рече Столтенберг во интервју за Ројтерс.
Шефот на НАТО рече дека новите економски санкции против Русија, кои заедно со ЕУ би можеле да ги воведат САД, Велика Британија и Канада, се моќна алатка.
Русија вели дека нема намера да ја нападне Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија ќе биде принудена да дејствува доколку НАТО предводен од САД лансира проектили во Украина кои би можеле да ја погодат Москва за неколку минути.
- Блинкен -Сериозни последици за Русија ако има нова агресија кон Украина
- Што се крие зад стравот од можна руско-украинска војна?
Столтенберг рече дека е јавно познато оти сојузниците ѝ даваат воена поддршка на Украина и дека таа е одбранбена и во согласност со меѓународните обврски на сите сојузници. Украина се смета за близок партнер на НАТО, но се уште не е членка на Алијансата.
Столтенберг меѓудругото, ги отфрли обвинувањата дека Алијансата ја испровоцирала Москва со воени вежби во Црното Море.
„За разлика од Русија, НАТО отсекогаш ги следел прописите со кои се повикуваат странски набљудувачи на своите вежби. Проблемот со Русија е што тие не се транспарентни, што имаат многу агресивна реторика и искуство што покажува дека користеле воени вежби како маска за агресивни дејствија против соседите“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека НАТО посветено работи на заштита на сојузниците од новите кинески и руски ракети кои би можеле да стигнат до Европа и Северна Америка.