Борел – Западниот Балкан останува стратешки регион за ЕУ

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, денеска изјави дека Западниот Балкан за ЕУ останува стратешки регион, а неговата стабилност е прашање од најголема важност.

Во пресрет на седницата за Западен Балкан на министерскиот состанок на НАТО во Рига, Борел повика на реформи во изборниот законик во Босна и Херцеговина и продолжување на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Тој изрази загриженост поради состојбата во БиХ, каде што во „последните денови се забележани тензии и обиди да се поништат 26 години мир и стабилност“. Тој повика на спроведување реформи неопходни да се зачува единството на државата и да се реформира изборниот законик.

Тој рече дека Украина, иако не е тема на денешната седница за Западниот Балкан, е прашање од најголема важност и нагласи дека за ЕУ територијалниот интегритет и суверенитет на Украина се над сè.