Матичните лекари парите од мерката за стимулација на вакцинацијата ќе ги добијат на почеток на летото следната година изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој денеска учествуваше на настан по повод Светскиот ден на Сидата.
Министерот вели дека очекува резултатите од мерката, според која матичните лекари доколку имаат над 70 отсто со своите пациенти вакцинирани против ковид, ќе добијат плус 30 денари за секој пациент. Ваквата одлука беше донесена вчера на владина седница.
Министерот вели дека мерката е добро димензионирани и дека матичните лекари се тие кои имаат директен и прв контакт со пациентите, но дека и тие треба да свесни за тоа колку е важно да се зголеми опфатот на вакцинацијата. Еден матичен лекар може да има најмногу 2.500 пациенти.
Досега 39 отсто од населението е вакцинирано против ковид.
Министерот Филипче рече дека иако некои земји се размислува за задолжителна вакцинација, кај нас, како што вели, е рано за такво размислување.
Тој вели дека отпаѓа предлогот за вакцинирање на јавниот сектор, како еден од условите за одење на работа, оти се увидело дека се отвораат многу сериозни прашања во врска со оние кои не би прифатиле да се вакцинираат, како би се казнувале.
Министерот вели дека засега не доаѓа во опција воведување карантин, кога има вакцина, но не се знае што ќе се случи понатаму, па затоа апелира на поголем опфат на вакцинацијата.
Филипче информираше и за ДНК анализите на починатите во автобуската несреќа во Бугарија. Тој вели дека денеска или утре треба да завршат анализите по што ќе се организира транспортот на нивните тела во земјава.
Автобуската несреќа се случи ноќта меѓу 22 и 23 ноември кога автобус на „Беса транс“ на враќање од Истанбул се запали на патот „Струма“ во близина на Софија. Во несреќата загинаа 45 луѓе, а седум се повредени.