ВМРО-ДПМНЕ бара продолжување на енергетската кризна состојба

Работници на електричен столб

ВМРО-ДПМНЕ бара да се закаже собраниска седница на која ќе биде продолжена енергетската кризна состојба. Владата на 9 ноември донесе одлука за прогласување енергетска кризна состојба со рок на траење од 30 дена, а истата би требала да заврши на 08 декември годинава.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека повеќе од јасно е дека енергетската криза ќе трае подолго од 30 дена и затоа ќе треба да биде продолжена.

„Како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека граѓаните не смеат да бидат жртви на неизвесноста од тоа кои имаат мнозинство во Собранието на Република Македонија и затоа бараме да се закаже седница на Собранието на која ќе биде продолжена енергетската кризна состојба, а ние како пратеничка група со нашето присуство ќе помогнеме за обезбедување на кворум за истата“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата имаат две барања, прво бараа да се предвидат 250 милиони евра за субвенционирање на електрична енергија на граѓаните и компаниите за да се спречи дополнителен ценовен шок и инфлација.

Како второ, бараат да се обезбедат пари за сите општини кои од почетокот до па се до крајот на енергетската криза се соочиле со раскинување на договорите од страна на снабдувачите односно да се покрие разликата меѓу првично склучениот договор и моменталната цена на електричната енергија. Овие средства да бидат обезбедени од Владата и на тој начин да се помогне компаниите и на граѓаните.

Земјава во моментов се соочува со енергетска криза, главно од зголемените цени на берзите во Европа, поради што фирмите кои тргуваат со струја на слободниот пазар не се во можност да ја достават количината на струја која ја договориле со други фирми и државни институции.