Нова средба е меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши е закажана за денеска во Клубот на пратеници во 14 часот. Тие разговараат за вклучување на Алтернатива во Владата и парламентарното мнозинство.
Одржувањето на средбата го потврдија и од Владата и од Алтернатива, јавува МИА.
Од Владата велат дека и денешната средба ќе биде во формат како и претходните и дека не се предвидени изјави за медиумите. За заклучоците од средбата ќе информираат со соопштение, велат од Владата.
Ова е трета средба меѓу Гаши и Заев. Претходната беше во понеделникот, кога, според соопштението испратено од владината прес-служба по нејзиното завршување, начелно бил договорен програмскиот дел од можната идна соработка на Алтернатива во Владата и дека консултациите за кадровските решенија се во тек. Тогаш беше најавено и дека по консултациите во партиите ќе следи и нова работна средба со тимовите.
На средбата што беше одржана во понеделникот, премиерот Заев беше придружуван од заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, а лидерот на Алтернатива Гаши од партискиот генерален секретар Беким Сали.
Првата средба им беше на 19-ти ноември.
Централното претседателство на Алтернатива минатиот петок го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза, додека на седницата на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа истиот ден, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата, но, му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.