Словенија месецов забележа највисока инфлација во последниве 13 години

Илустрација, пазар

Словенија овој месец ја регистрираше највисоката инфлација во изминативе 13 години. Потрошувачките цени во Словенија во ноември 2021 година се зголемени за 4,6 отсто во однос на истиот месец лани. Тоа е највисока инфлација од октомври 2008 година, кога изнесуваше 4,9 отсто, објави денеска словенечкиот државен завод за статистика.

Централната банка во Словенија посочува дека ова е еднократен ефект врз инфлацијата во Словенија, главно поради порастот на цените на енергијата на меѓународните пазари, каде што се очекува смирување следната година. Централната банка очекува раст на инфлацијата во Словенија во наредните месеци, додека не се смири ситуацијата во светските синџири на снабдување и на енергетските пазари.

Сегашниот раст е последица на високите цени на нафтата и природниот гас на меѓународните пазари, а растат и цените на купоните за емисија.

Според официјалната статистика, во ноември цените на стоките во Словенија биле во просек за 6,2 отсто повисоки од претходната година, додека цените на услугите се повисоки за 1,5 отсто.