Од Бислимоски до Ријана

МАКЕДОНИЈА - Намалување на цените на електричната енергија на светските пазари може да се очекува од втората половина на април следната година, но тоа намалување е во однос на денешните, поскапени цени, а не во однос на цените од минатата година, вели во разговор со дописничката на МИА од Атина претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

МАКЕДОНИЈА - Лажна пријава за поставена бомба во Македонскиот народен театар го блокираше центарот на Скопје на кратко. Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека откако полицијата ги извршила потребните проверки во зградата и околината на театарот, утврдила дека станува збор за лажна пријава за напад.

МАКЕДОНИЈА - Бројот на социјални случаи, односно корисници на гарантирана минимална помош се очекува следната година да се зголеми за нови 5.500 случаи поради пандемијата, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на прес конференција.

САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја предупреди Москва дека секоја повторна агресија на Украина ќе предизвика сериозни последици, во услови на зголемена загриженост на Западот поради трупањето руски војници на границата со Украина.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Автопатот Струма каде се случи автобуската несреќа на 23 ноември, имал мани, но тие не се причина за несреќата во која загинаа 45 луѓе, беше кажано на денешната прес-конференција на министерката за регионален развој и јавни работи на Бугарија Виолета Комитова.

БИХ - Стотина претставници на осум синдикати во Кантонот Сараево денеска одржаа едночасовен предупредувачки протест пред зградата на кантоналната влада, незадоволни од висината на платите. Тие земаат плата од буџетот на Кантонот Сараево, Фондот на Заводот за здравствено осигурување на Кантонот Сараево и комуналната економија на Кантонот Сараево. Во федерацијата Босна и Хецеговина има 10 синдикати.

СРБИЈА - Владата на Србија на денешната седница донесе одлука за ограничување на цената на основните прехранбени производи: шеќер, брашно од типот 400, сончогледово масло за јадење, свинско месо и млеко - така што нема да го надминуваат ценовното ниво од 15 ноември 2021 година.

ФРАНЦИЈА / ИРАН - Францускиот претседател Емануел Макрон го повика својот ирански колега, Ебрахим Раиси, да се вклучи на конструктивен начин во тековните преговори во Виена за заживување на нуклеарниот договор потпишан во 2015 година меѓу Иран и светските сили.

БАРБАДОС - Барбадос официјално се прогласи за најнова република во светот, отстранувајќи ја кралицата Елизабета Втора од функцијата шеф на државата. На свечена церемонија Гордоста на нацијата присуствуваше нејзиниот син принцот Чарлс. Гувернерката Дам Сандра Мејсон положи заклетва како прв претседател на оваа карипска островска држава. Барбадос има 287.000 жители, а под британска власт беше од 17 век. Музичката ѕвезда Ријана, која е од Барбадос, на свеченоста беше прогласена за национален херој на Барбадос.