Паѓа индустриското производство, а намален е и број на работници

Годинава има зголемување на индустриското производство во споредба со лани, но во последните месеци од годината има пад на индустриското производство, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС). Индустриското производство во октомври годинава, во однос на октомври лани е намалено за 6,5 отсто. Во периодот јануари – октомври, пак, во споредба со минатата година е поголемо за 1,8 проценти, соопшти ДЗС.

Гледано по сектори, овој октомври во споредба со истиот месец лани најголем пад од над 10 отсто има во Преработувачката индустрија и минимален пад во секторот Рударство и вадење на камен, додека во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пораст од 18.6 отсто.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на метали, Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Бројот на работниците во индустријата, во октомври 2021 во однос на октомври лани е намален за 2,5 проценти, а од јануари до октомври во споредба со истиот период минатата година намален е за 2,2 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.