Францускиот претседател Емануел Макрон го повика својот ирански колега, Ебрахим Раиси, да се вклучи на „конструктивен начин“ во тековните преговори во Виена за заживување на нуклеарниот договор потпишан во 2015 година меѓу Иран и светските сили.
Макрон и Раиси вчера телефонски разговарале, соопштија од Кабинетот на францускиот претседател. Од таму соопштуваат дека Макрон му рекол на Раиси дека целта на Париз е да види дека Иран се вратил на целосно почитување на сите негови обврски според договорот и САД да се вратат на договорот.
Од Кабинетот на Раиси, цитирајќи го претседателот, наведуваат дека тоа што Иран испратил целосен тим на разговорите говори дека имаат сериозна волја.
Вчера во Виена повторно започнаа преговори за враќање на историскиот договор по петмесечна пауза.
Преговорите меѓу Иран и петте земји потписнички - Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија - започнаа во Виена во април, а САД, кои го напуштија договорот учествуваат индиректно.
Разговорите беа прекинати во јуни по изборот на Раиси за претседател.
Договорот кој го постигна Иран со САД, Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија предвидува ограничување на нуклеарните активности на Техеран во замена за укинување на санкциите, притоа отворајќи поголема контрола од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на Обединетите нации.
Но, Иран постепено ги прекрши границите наметнати со договорот, откако поранешниот претседател Доналд Трамп во 2018 година ги повлече САД од договорот и ги врати американски санкции и покрај почитувањето на договорот од страна на Иран.
Наследникот на Трамп, Џо Бајден, вети дека повторно ќе се приклучи на договорот доколку Иран се врати на целосно усогласување, но Техеран сака Вашингтон да го направи првиот чекор.