Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која во Јемен се бори против бунтовниците Хути, кои се поврзани со Иран, соопшти дека извршила воздушен напад врз „тајна“ локација што му припаѓа на Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), објави државната телевизија.
Во денешниот извештај се наведува дека нападот бил дел од воздушните напади кои биле насочени кон воени цели на Хутите во главниот град Сана.
Според главниот радиодифузер на Хутите, три воздушни напади биле насочени и го погодиле градскиот аеродром, а четвртиот напад бил насочен кон парк.
Засега нема коментари од иранските власти.
Воздушниот напад е еден од неколкуте што коалицијата ги изврши овој месец над Сана, бидејќи седумгодишната војна не бележи знаци на намалување. Во Јемен, Хутите се борат против меѓународно признатата влада поддржана од Саудиска Арабија.
Хутите ја контролираат Сана и поголемиот дел од северниот и западниот дел на земјата.
Градот Аден е привремен дом на меѓународно признатата влада на Јемен, која е поддржана од воената коалиција предводена од Саудиска Арабија.
Обединетите нации ја опишаа ситуацијата во Јемен како најтешка хуманитарна катастрофа во светот. Се проценува дека околу 24,3 милиони луѓе се изложени на ризик од глад и болести.
Извештај на ОН, објавен претходно овој месец, предвидува дека бројот на загинати од војната ќе достигне 377 илјади до крајот на оваа година.