Предавањето на телата на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија ќе биде направено преку организиран државен протокол најдоцна до петок, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој рече дека разговарал со бугарскиот обвинител Сарафов надлежен за трагадијата на 23 ноември и дека била донесена одлука предавањето на телата на загинатите.
„Донесена е одлука за предавањето на телата на нашите сограѓани, кои ги загубија животите во трагичната несреќа, да биде во четврток на 2 декември. Владата на Бугарија го прифати нашето барање преносот од Софија до Скопје да се изврши со авион на Бугарија, додека од меѓународниот аеродром Скопје преку организиран државен протокол истиот или наредниот ден петок 3 декември, останките ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови“, изјави Османи.
Автобусот на компанијата „Беса Транс“ рано утрината на 23 ноември се удри и се запали на автопатот Струма во Бугарија, кога 45 патници загинаа, а седум беа повредени. Тие се враќаа од Истанбул кон Скопје, а вкупно четири автобуси беа дел од турата што ја организирале компанијата во Турција.
Истрагата за автобуската несреќа сѐ уште е во тек. Во неа соработуваат двете држави, Северна Македонија и Бугарија.