Бајден - Омикрон е причина за загриженост, не за паника

Претседателот на САД Џо Бајден.

Американскиот претседател Џо Бајден денска се обиде да ги убеди Американците дека САД се подготвени да се справат со новиот вид на коронавирус Омикрон, ветувајќи дека доколку е потребно ќе го забрзаат развојот на вакцини кои ќе можат да се справат со него.

„Овој вид е причина за загриженост, а не за паника“, рече Бајден во обраќањето во Белата куќа по состанокот со неговиот тим за Ковид-19.

„Порано или подоцна ќе видиме случаи на новиот вид овде во Соединетите држави“, рече Бајден.

Тој исто така изјави дека Белата куќа работи со производителите на вакцини - Фајзер, Модерна и Џонсон и Џонсон, за да развијат планови за вонредни ситуации за новиот сој доколку е тоа потребно.

Претходно, водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи рече дека е малку веројатно Соединетите држави да воведат нови ограничувања поради очекуваното доаѓање на нов вид.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно соопшти дека прелиминарните докази сугерираат дека новиот вид на коронависус, откриен во Јужна Африка, носи поголем ризик од повторна инфекција во однос на другите видови.