По четири часа заврши средбата на премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши, за вклучување на Алтернатива во Владата и во парламентарното мнозинство.
Гаши и Заев по средбата не дадоа изјава за медиумите. Заев кратко кажа дека имале конструктивна средба и дека заклучоците ќе ги објави владината прес-служба.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Гаши се согласите дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата, мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите, со цел да се обезбедат најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици како што се Ковид-19 пандемијата и глобалната енергетска криза, се вели во соопштението.
„Се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт“, се вели во соопштението на владината прес-служба.
Во него се наведува дека следните денови ќе продолжат консултациите во партиите и дека ќе следи нова средба меѓу Заев и Гаши.
Првата средба меѓу Заев и Гаши се одржа на 19 ноември, неколку дена по неуспешното гласање за недоверба на владата.
Во Алтернатива велат дека нивниот евентуален влез во власта би бил за да се продолжи евроатлантскиот курс на земјата, да се реши спорот со Бугарија и да почнат преговорите за членство во ЕУ, како и да се задржи политичката и економска стабилност.
Партискиот портпарол Орхан Муртезани пред неколку дена рече дека нивниот влез во власта ќе зависи и од тоа дали „актуелните владини партнери имаат волја да се откажат од дел од својата моќ за да се создаде рамнотежа во власта“. СДСМ навестува дека е подготвен да се откаже од дел од моќта во корист на Алтернатива, но такви навестувања нема од ДУИ.