Американскиот претседател Џо Бајден на 29 ноември ќе соопшти за јавноста каков ќе биде одговорот на САД за Омикрон варијантата на коронавирус, соопшти Белата куќа додека неколку европски нации ги објавија своите први случаи на високо заразниот нов сој, кој за прв пат беше откриен во Јужна Африка.
Стравувањата се зголемуваат бидејќи новата варијанта би можела да биде попренослива или дека ефективноста на постоечките вакцини против неа би можела да биде помала, но многу работи и натаму остануваат нејасни.
Медицинската асоцијација на Јужна Африка соопшти дека луѓето за кои е познато дека се заразени со Омикрон, немаат сериозна слика на болеста, иако многу од нив се млади и со помала веројатност сериозно да заболат.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, на 29 ноември рече дека е „длабоко загрижен“ поради тоа што многу земји ширум светот поради Омикрон наметнуваат ограничувања за патување во Јужна Африка.
„Апелирам до сите влади да размислат за повторено тестирање за патниците, заедно со други соодветни и навистина ефективни мерки, со цел да се избегне ризикот од пренесување, за да се овозможи патување и економски ангажман“, рече Гутереш.
На 28 ноември, д-р Ентони Фаучи, високиот експерт за заразни болести на владата на САД, го информираше Бајден, предвидувајќи дека ќе бидат потребни околу две недели за да се добијат дефинитивни информации за новата варијанта.