Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја е подготвена да дејствува како посредник меѓу Украина и Русија, и покрај тоа што односите меѓу Анкара и Москва се затегнати поради продажбата на вооружените беспилотни летала на Киев претходно оваа година.
Зборувајќи со новинарите на летот од Туркменистан, Ердоган на 29 ноември беше цитиран од телевизијата „НТВ“ дека Анкара сака стабилност и мир во регионот на Црното Море, додавајќи дека за ова прашање имал чести разговори со неговиот руски колега Владимир Путин.
„Без разлика дали станува збор за посредство или за разговори со нив за ова прашање, со одржување на овие разговори со Украина и со г-дин Путин, ако даде Бог, сакаме да играме улога во решавањето на ова“, рече тој.
Ниту руски, ниту украински официјални лица засега не ги коментираа изјавите на Ердоган.
Турција е членка на НАТО и има добри врски и со Киев и со Москва, но ја критикуваше анексијата на Украина на Полуостровот Крим од страна на Русија во март 2014 година и изрази поддршка за територијалниот интегритет на Украина во услови на тековен сепаратистички конфликт на истокот на земјата, во кој од април 2014 година загинаа повеќе од 13.200 луѓе.