Од 1 декември стапува на сила обврската за наплата на кесите за носење стоки предвидена во новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според Законот, се предвидува забрана за пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Македонија и забрана за пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјата.
Исклучок со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници се биоразградливите кеси за носење на стоки произведени според пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки, чија што дебелина е пониска од 15 микрони.
Надоместокот со вклучен ДДВ, кој треба да го плаќаат крајните корисници за биоразградливите кеси за носење на стоки, изнесува 15 денари за парче и се плаќа на трговецот на местото на продажба“, се вели во соопштението на Министерството.
Целта на Законот е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано на принципот „загадувачот плаќа“, наведуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.