Граѓаните ги прифаќаат теориите на заговор, па така 65 отсто од испитаниците сметаат дека Ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, потоа 44 отсто се согласни дека бројките на заболените од Ковид-19 се зголемувани, и дека се плаќало и за да се пријавуваат луѓето дека починале од ковид, покажува истражувањето „Човек од народот: Анализа на јавното мислење за политичките барања на граѓаните“.
Истражувањето е спроведено од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО).
Миша Поповиќ, раководител на центарот и постар истражувач во Институтот за демократија „Социетас цивилис“, на денешното презентирање на наодите потенцираше дека според одговорите од анкетата, кај граѓаните постои висока дистрибуција на прифатливост на теории на заговор.
Дури 46 отсто од испитаниците сметаат дека од авион се прскаат вируси и различни токсиди.
Како што рече Поповиќ, 72 отсто од граѓаните сметаат дека светот го контролираат неколку моќни семејства, односно дека на некои тајни самити во некои замоци во Европа е одлучено за тоа како ќе тече историја, кој ќе дојде на власт итн.