Апелација ја потврди пресудата за „Насилство во Центар”, а „Тарифа” го врати на повторно судење

Поранешниот премир и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред Кривичниот Суд во Скопје. Тој е еден од обвинетите за „насилствата во Општина Центар“, или случај познат како „Шамарите во Центар“. архивска фотографија од 2017

Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда на Кривичен суд Скопје за случајот „Насилство во Општина Центар”, во кој првообвинетиот Никола Груевски беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор, а останатите беа осудени на условни казни, односно алтернативни мерки.

Во соопштението на Основен суд се наведува дека постапувале по жалбите на обвинетите и нивните бранители, но жалбите се отфрлаат како неосновани и пресудата на Кривичниот суд се потврдува.

Овој случај беше отворен за насилството што се случуваше на протестите на 7 и 10 јуни 2013 година пред просториите на Општина Центар. Според обвинителството, протестите ги организирал врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а целта не била да се спречи уривање на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, како што се прикажуваше, туку да не дојде до промена на ДУП за „Мал ринг“.

А предметот „Тарифа” го врати на повторно судење.
Во предметот на „Тарифа“ обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.