Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека се уште не го потпишал Законот за експропријација. Тој вели дека се уште чека на мислење од правниот тим. Вучиќ во четвртокот ги потпиша измените на Законот за референдум.
„Оние кои мислат дека имаат право, дека можат и дека имаат сила да ја спречат Србија на патот кон напредокот и развојот, сакам да им порачам – Не можете да ја запрете Србија. Таа неповратно тргна кон иднината, со брзи и силни чекори“, рече Вучиќ.
Запрашан за протестите во текот на изминатиот викенд, Вучиќ ја повика, како што рече „пристојната мнозинска Србија“ на протестите да се воздржи од „провокациите на малцинството“ и апелираше до надлежните да си ја работат својата работа во согласност со законите.
Во Србија трет ден по ред, дел од опозициските партии и невладини организации протестираат против измени на законите за експропријација и за референдум, за кои тврдат дека одат во полза на приватната компанија Рио Тинто, заинтересирана за рудата литиум во западна Србија. Денеска има протест во градот Лозница. Демонстрантите собрале 5000 потписи со кои бараат да се повлече планот.
Во Шабац, пак, е исполнето едно од барањата на протестите. Ослободен е демонстрант кој беше приведен на протестите што се одржаа на 27 ноември кога се обидуваше да запре возач на багер за време на блокадата на патиштата.
Вчера во Белград се одржа протест со барање итно да се ослободи притворениот демонстрант. На протестот се бараше да одговараат и сите одговорни за насилство врз граѓаните кои блокираа патишта и да се повлечат измените на Законот за експропријација и на Законот за референдум, кои Народното Собрание ги усвои минатата недела.