Нема нови рестриктивни анти-ковид мерки, остануваат постоечките, со акцент на вакцинацијата, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче во изјава за новинарите пред Министерството за здравство. тој вели дека епидемиолошката состојба со коронавирусот е стабилна, двонеделната инциденца се намалува за некаде околу 14 проценти и во болниците се чувствува помал притисок,
На Комисијата за спречување на заразни болести се разговарало и за новиот сој на коронавириост, омикрон, но во земјава засега остануваат досегашните мерки, вели министерот.
„Сметам дека некаква рестрикција во однос на затворање на граници, во однос на карантин за патници кои доаѓаат од одредени земји нема да даде ефект поради тоа што очигледно е дека е детектиран и во некои европски земји и до сега видовме дека кога ќе се појави нов сој едноставно не може да се спречи да остане ограничен во една територија“, рече Филипче.
Тој информираше дека тројца повредени патници во автобуската несреќа, кои беа на лекување во Бугарија, ќе бидат пренесени на клиниката за пластична хирургија.
Двајцата пациенти, пак, кои во саботата беа префрлени од Бугарија во Скопје, денеска ќе бидат испишани од болница и ќе бидат на домашно лекување, соопшти министерот за здравство. Тие се во добра состојба, а ќе продолжи психолошката поддршка, вели тој.
Министерот потсети дека на утрешната владина седница ќе се разгледува предлогот за стимулација на матичните лекари по вакциниран пациент.
Во одговор на прашање, министерот посочи дека нема да се кандидира за претседател на СДСМ, оти како што рече нема таков интерес. СДСМ ја прифати оставката на претседателот Зоран Заев, по што следат избори за претседател на партијата.