Саакашвили пред Суд, неговите приврзаници се судрија со полицијата

Демонстрант изспрскан со спреј на протестот за Саакашвили

Во градскиот суд во Тбилиси продолжи судењето на поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили. Тој во Судот ја доведува во прашање валидноста на постапката, а надвор неговите приврзаници се судрија со полицијата.

Дописниците на РСЕ пред Судот известија за помали судири меѓу безбедносните сили и приврзаниците на Саакашвили, при што полицијата, наводно, употребила бибер спреј за справување со толпата.

Според извештаите од судот, Саакашвили пред сослушувањето изјавил дека не го признава обвинителството, ниту грузиското правосудство и дека неговото судење по обвинение за злоупотреба на власта поради растурање на митингот во ноември 2007 година е дел од „ однапред напишана комедија“.

Саакашвили вели дека сите обвиненија против него се политички мотивирани.

Саакашвили на 20 ноември го прекина штрајкот со глад по седум недели. Тој беше уапсен на 1 октомври кога се врати во земјава по осумгодишно отсуство за да ја мотивира опозицијата пред локалните избори.

Саакашвили беше претседател на Грузија од 2004 до 2013 година. Во јануари 2018 година, во отсуство тој беше осуден за злоупотреба на службената положба и осуден на три години затвор. Во јуни 2018 година, тој повторно беше осуден во отсуство за злоупотреба на службената положба на шест години затвор. Саакашвили и неговите поддржувачи велат дека обвиненијата биле политички мотивирани.