Светските сили на разговори за заживување на нуклеарниот договор со Иран

Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Али Багери

Разговорите за заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година треба да продолжат денеска во Виена, а главниот ирански преговарач заменик-министерот за надворешни работи Али Багери изјави дека тие најверојатно ќе ја одредат рамката и временскиот период за преговорите. Багери кој вчера разговараше со шефовите на кинеската и на руската делегација и со посредникот на ЕУ Енрике Мора рече: „Тајмингот на оваа рунда разговори не може да се предвиди“.

Шефот на атомската агенција на ОН во посета на Иран

Разговорите меѓу партнерите кои сè уште се во договорот - Иран, Кина, Русија, Германија, Франција и Британија - ќе започнат околу 14 часот по локално време, изјави европски дипломат за АФП. Делегацијата на САД, предводена од Роб Мали, специјалниот пратеник за Иран, ќе учествува индиректно. Разговорите треба да продолжат по петмесечна пауза поради зголемената загриженост на Западот за нуклеарниот напредок на Иран. Михаил Улјанов, рускиот амбасадор во ОН во Виена, на Твитер напиша дека „неформалните консултации“ меѓу Кина, Русија и Иран пред официјалните разговори биле корисни за „подобро разбирање на ажурираната преговарачка позиција на Техеран“.

Нов обид за обновување на нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили

Договорот ограничи многу аспекти на иранската истражувачка програма, за која Иран отсекогаш тврдеше дека е за мирољубиви цели, притоа отворајќи ја за поголема контрола од Меѓународната агенција за атомска енергија. За возврат, многу економски санкции поврзани со нуклеарната енергија беа укинати.
Но, тогашниот претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот, познат како Заеднички сеопфатен акционен план, во 2018 година и повторно ги воведе санкциите и покрај почитувањето на договорот од страна на Иран.

САД ветуваат дека ќе го спречат Иран да добие нуклеарно оружје

Како одговор, Техеран постепено ги прекрши границите наметнати со пактот, вклучително и за збогатување ураниум, рафинирајќи го до повисока чистота и инсталирајќи напредни центрифуги. На претходните шест рунди индиректни преговори во Виена, кои започнаа во април, не беше постигнат договор, а разговорите беа ставени на мирување во јуни, откако Иран го избра за претседател антизападниот Ебрахим Раиси.