Актуелниот заменик министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека не го загрижуваат коментарите дека е човек на актуелниот премиер Зоран Заев и „маша“ која треба да ги продолжи „погубните“ политики на СДСМ, како што го обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Не сум ничиј човек, туку човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ“, вели Ковачевски во интервју за МИА.
Тој вчера објави дека ќе се кандидира за лидер на СДСМ, откако во петокот на 26 декември Централниот одбор на партијата му ја утврди оставката на Зоран Заев и распиша внатрепартиски избори за 12 декември.
Заев оставката од позицијата претседател на СДСМ, како и од премиерската функција, ја најави по поразот на партијата од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори кои се одржаа во октомври. Но, тој и натаму е премиер на државата, бидејќи раководството на партијата неодамна одлучи дека неговата оставка треба да биде одложена поради предизвиците со кои се соочува државата, како енергетската криза и ковид пандемијата.
Ковачевски наведува дека „многу брзо“ ќе ги демантира „етикетите“ кои му ги дава опозицијата со тоа што, како што вели, ќе постигне резултати со работа.
„Мојот фокус е да донесам квалитетни промени кои граѓаните и нашите членови ги очекуваат, но и многу брзо ќе ги препознаат“, вели Ковачевски.
Тој додава дека државата освен решавањето на „историските проблеми со соседите“, треба да се фокусира и на клучните проблеми дома, на борбата со криминалот и корупцијата, реформи во судскиот систем, јакнење на економијата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа дека Ковачевски ги употребувал „истите празни фрази“ на Заев.
„И Заев ги ветуваше истите работи како и сега Ковачевски. Однапред се знае исходот“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, од СДСМ по одржувањето на средбата на Централниот одбор на 26 ноември, не дадоа конкретен одговор на прашањето дали Заев на седницата го предложил Ковачевски за негов наследник.