Потребни се брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи оваа влада предводена од СДСМ и ДУИ нема кредибилитет, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски, тоа го покажале резултатите од локалните избори кои беа одржани во октомври, наведувајќи дека доколку продолжи оваа влада да владее, „ќе продолжат и поразите.“
„За жал тие порази почнуваат да не чинат со десетици загубени човечки животи, а тоа е само поради една основна причина – раководните лица кои се дел од владејачките партии не си ја вршат работата за која се платени“, изјави Мицкоски за време на посета на Свети Николе.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не сака да навлегува во теориите дали СДСМ и ДУИ имаат мнозинство од 61 пратеник во Собранието и кој е 61-от пратеник, наведувајќи дека за тоа треба тие да одговорат.
Инаку, откако СДСМ на 26 ноември му ја утврди оставката на претседателот на партијата и актуелен премиер Зоран Заев, од партијата соопштија дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека има 61 пратеник.
Тоа го соопшти портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска и наведе дека централниот одбор на партијата одлучил дека има простор за вклучување и на Алтернатива во мнозинството.
Денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи од партијата ДУИ потврди дека постои мнозинство и дека владата во овој момент треба да продолжи, но и да ги зајакне нејзините капацитети и поддршка во Собранието.
„Мнозинство има, тоа можам да го потврдам. Очекуваме со овие разговори ова мнозинство да се зголеми дополнително, за да биде стабилно и да може во наредните месеци и години да се продолжи со овие сериозни активности на Владата“, рече Османи на прес-конференција.
Тој додаде дека наредниот период е исклучително важен за стратешките правци на државата и за постигнување на одредени стратешки цели, а дека секоја дестабилизација на владата во овој период може дополнително негативно да влијае на постигнуваење на тие цели.
Во однос на разговорите со Алтернатива, Османи рече дека тие се заеднички меѓу сите коалициони партнери и дека во име на сите коалициони партнери ги спроведува премиерот.
Претходно во петокот на 26 ноември опозициската Алтернатива, која има четири пратеници во Собранието, по одржан состанок на централното претседателство соопшти дека е одлучено да влезат во процесот на преговори со кои би станале дел од владиното мнозинство.
Во однос на парламентарното мнозинство, првиот вицепремиер во Владата Артан Груби на 27 ноември исто така изјави дека тоа е стабилно и дека се добредојдени сите што сакаат евроатлантска Република Северна Македонија.
Тој исто така рече дека оставката на Зоран Заев на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија треба да почека, додавајќи дека парламентарното мнозинство ќе се стабилизира и дека ќе биде поголемо од тоа што е сега, односно дека ќе треба да го заврши мандатот во 2024 година.