Конзервативецот Фиала именуван за нов премиер на Чешка

Чешкиот претседател Милош Земан го назначи лидерот на Граѓанската демократска партија (ОДС) Петр Фиала за нов премиер.

Десничарот Петр Фиала е именуван за премиер на Чешка, соопшти кабинетот на чешкиот претседател Милош Земан на 28 ноември.

Земан, кој неодамна беше позитивен на Ковид-19, го назначи 57-годишниот Фиала на тивка церемонија во претседателската резиденција во Прага.

Фиала е поранешен политиколог и шеф на Граѓанската демократска партија. Тој формираше коалиција со две помали партии: центристичките Демохристијани и централно-десничарскиот „ТОП 09“.

Коалицијата тесно го порази движењето АНО на премиерот во заминување Андреј Бабиш. По изборите, коалицијата на Фиала додаде две центристички партии за да обезбеди мнозинство од 108 места во 200-члениот законодавниот дом.

Се очекуваше Земан да го назначи Фиала на 26 ноември, но тој беше итно пренесен во болница откако беше позитивен на тестот за Ковид-19. Земан има 77 години и е во општо лоша здравствена состојба.

Фиала го повика Земан да ја потврди владата до средината на декември, бидејќи земјата се соочува со висок раст на случаи на Ковид-19.

На 25 ноември владата воведе нови ограничувања, вклучително и намалување на работното време на рестораните, баровите и ноќните клубови, како и затворање на сите божиќни пазари.