Неколку европски нации на 27 ноември ги објавија своите први случаи на високо заразниот нов сој на коронавирус откриен во Јужна Африка, додека земјите ширум светот почнаа да воведуваат ограничувања за воздушниот сообраќај и да се подготвуваат за најлошото.
Велика Британија, Белгија, Германија, Данска, Чешка, Израел и Италија се меѓу земјите кои веќе ги потврдија своите први случаи на новиот вид на Ковид-19, главно меѓу луѓето кои патувале од јужна Африка.
Брзото откривање на овој вид во Европа, само неколку дена откако Јужна Африка го вклучи алармот, сугерира на тоа дека тој веќе кружи низ светот.
Светската здравствена организација (СЗО) на 26 ноември го стави новиот вид наречен „Oмикрон“, во највисоката категорија загрижувачки варијанти.
Д-р Ентони Фаучи - највисокиот експерт за заразни болести на владата на САД, изјави дека иако „Oмикрон“ сè уште не е откриен во САД, „не би бил изненаден“ ако видот веќе е присутен во земјата.
„Сè уште не сме го откриле, но кога имате вирус кој покажува ваков степен на преносливост и веќе имате случаи поврзани со патување, кога имате вирус како овој, речиси секогаш тој ќе оди насекаде“, рече Фаучи за време на интервјуто за шоуто „Тудеј“.
Сè уште не се знае многу за „Омикрон“ и можно е да бидат потребни недели за научниците целосно да го разберат влијанието на варијантата врз вакцините, преносливоста, сериозноста на болеста и третманите.
Голем број здравствени експерти сугерираат дека „омикрон“ може полесно да ги избегне вакцините.