Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека ќе предложат мерка до Владата за посебна стимулација на матичните лекари, односно да бидат финансиски стимулирани кога ќе надминат 70 отсто на вакцинација од вкупниот број на прикрепени пациенти и да бидат наградени со 30 денари по пациент од вкупниот број пациенти кои се запишани кај нив.
„Има уште некои аспекти кои тука треба да се разгледаат, но мислам дека тоа е предлогот со кој ќе настапиме во вторник пред Влада“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека за претходните мерки дискутирале на седница на Владата, наведувајќи дека е свесен оти ова се едни од најтешките мерки кои што допираат во сферата на работните односи и работните места.
„Меѓутоа заклучивме дека треба дополнително да истражиме и да видиме дали ќе има некои слични мерки кои нема да бидат толку сериозни, да загрозуваат нечие работно место а од друга страна ќе бидат стимулација за вакцинација и во таа смисла работевме интензивно, рече Филипче.
Нивото на вакцинација во земјава се движи околу 38 проценти од населението кои примиле две дози од вакцините против Ковид-19, а една доза примиле 42,5 отсто.
Претходно како мерка која требаше да ја разгледува Владата, а беше предложена од Комисијата за заразни болести, е вакцинацијата да биде задолжителна за здравствените работници и за сите вработени во јавната администрација. Предлогот беше оние кои не сакаат да се вакцинираат, да приложуваат ПЦР тест.
Европа и светот деновиве алармираат за новиот сој „омикрон“ кој беше пронајден во Јужна Африка и е опишан како „загрижувачки“. Некои земји од ЕУ, како и САД и Велика Британија воведоа ограничувања на патувањата од неколку африкански земји.
Филипче рече дека за новиот сој ќе разговараат во понеделник на состанок на Комисијата за заразни болести.