Демонстранти денеска блокираа патишта и мостови во повеќе градови во Србија, а како што јавуваат новинарите на Радио Слободна Европа, дошло и до туркања со припадници на Министерството за внатрешни работи.
Силни полициски сили се обидоа да ги спречат демонстрантите да го блокираат мостот Газела во Белград, но сообраќајот беше блокиран.
Полицијата блокираше и неколку групи граѓани во други делови од градот, а блокиран е сообраќајот и на улицата „Кнез Милош“, која е една од централните во главниот град.
Сообраќајот е блокиран и кај Сава Центарот, односно во делот од автопатот.
Во исто време, демонстрантите се собраа на мостот „Дуга“ во Нови Сад, како и на една раскрсница во центарот на градот во Војводина. Дојде до немири при обидот на полицијата да ја спречи блокадата, кога беа уапсени неколку демонстранти.
Акцијата ја организираа неколку невладини организации во знак на протест против измените на Законот за референдум и на Законот за експропријација кои беа усвоени во Собранието на Србија.
Организаторите на протестите веруваат дека овие закони претставуваат удар врз приватната сопственост на граѓаните, како дека се донесени во корист на приватните компании, наведувајќи ја како пример компанијата Рио Тинто, која планира да експлоатира литиум во западна Србија.
Властите во Србија за тој проект најавија дека граѓаните ќе се изјаснат на референдум.
Еколошките активисти сметаат дека е проблематична предложената одредба која овозможува постапките поврзани со експропријација на земјиште, односно конфискација на приватен имот поради проект од јавен интерес, да се спроведуваат по итна постапка во рок од пет плус три дена.
Исто така, сметаат дека е проблематично и укинувањето на цензусот од 50 отсто од запишаните гласачи за референдум.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на 23 ноември изјави дека измените во законот немаат врска со Рио Тинто, наведувајќи дека компанијата веќе го купила целото потребно земјиште од народот и дека нема ниту една парцела кој треба да се експроприра.
Таа додаде дека ваков закон за експропријација се носи со цел да се забрзаат инфраструктурните работи, особено кога како пречка се појавуваат диво изградени објекти.
Кога станува збор за Законот за референдум, Брнабиќ рече дека тој е во согласност со Уставот од 2006 година.