Димитар Ковачевски најави кандидатура за лидер на СДСМ

Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски.

Димитар Ковачевски – актуелен заменик министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, изјави дека ќе се кандидира за лидер на партијата.

Изјавата средува откако вчера СДСМ му ја утврди оставката на претседателот на партијата и актуелен премиер Зоран Заев и распиша внатрепартиски избори за 12 декември.

Ковачевски изјави дека во рок од седум дена ќе подготви програма и ќе поднесе кандидатура за претседател на СДСМ.

„Постапката е демократска и секој што ги исполнува условите може да се кандидира. Она што е најважно, сите треба да се обединиме околу избраниот претседател“, изјави Ковачевски.

Централниот одбор на СДСМ вчера на 26 ноември по неколку часовна средба ја констатираше поднесената оставка на претседателот Зоран Заев.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска по средбата рече дека од утре почнува да тече рокот од седум дена да се пријават кандидатите за претседател кои исполнуваат услови според статутот на партијата.

Кузеска не даде конкретен одговор на прашањето дали Заев на седницата го предложил актуелниот заменик министер за финансии Димитар Ковачевски за негов наследник.

Таа изјави дека Заев информирал дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека во моментов има 61 пратеник без да прецизира кои, а централниот одбор одлучил дека има простор за вклучување и на Алтернатива во мнозинството.

Претходно вчера и опозициската Алтернатива, која има четири пратеници во Собранието, на состанокот на централното претседателство одлучи да влезат во процесот на прговори со кои би станале дел од владиното мнозинство.

Заев одлуката да се повлече ја најави на 31 октомври, по вториот круг од локалните избори на кои победи опозициската ВМРО-ДПМНЕ.