Пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст се првите двајца повредени во автобуската несреќа во Бугарија, кои пристигнаа денеска во Скопје и се префрлени на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза.“
Двајцата пациенти ги пречека министерот за здравство Венко Филипче. Тој изјави дека тие се стабилни и дека имаат полесни повреди, а ќе бидат задржани на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
„Пациентите ќе бидат задржани на опсервација и согласно тоа колку време треба да останат ќе бидат хоспитализирани, после што ќе се направи проценка да се испишат на натамошен домашен третман“, рече Филипче.
Тој додаде дека пристигнале и доктори од Клиниката за психијатрија за да им дадат психолошка помош на пациентите.
„Целосно сме подготвени да ги преземеме овие пациенти и да продолжи лекувањето“, изјави министерот Филипче.
Седум патници беа повредени во автобуската несреќа која се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 45 патници државјани на Северна Македонија, кои се враќаа од Истанбул кон Скопје. Повредените патници се лекуваа во болницата Пиргов во Бугарија.
Луѓето загинаа од задушување во пожарот кој го зафати автобусот на компанијата „Беса трас“, откако се удрил во заштитната ограда на автопатот, како што соопштија надлежните од Бугарија кои ја водат истрагата. Тие рекоа дека причина за несреќата најверојатно е човечка грешка.
Министерството за здравство најави дека другите пет пациенти кои се на лекување во Софија ќе бидат отпуштени во фази во зависност од нивната состојба.