ЕУ ги суспендираше летовите од Јужна Африка поради новата варијанта на ковид

Знамето на ЕУ

Сите 27 земји членки на Европската унија го суспендираа патувањето од Јужна Африка поради стравувањата од новата варијанта на коронавирусот која се вели дека има бројни мутации што би можеле да и овозможат полесно да ги избегне имунолошките одговори на луѓето на претходните варијанти на ковид-19.

„Комитетот на здравствени експерти се согласи за потребата да се активира паузата за итни случаи и да се наметне привремено ограничување за сите патувања во ЕУ од јужна Африка“, напиша на Твитер словенечкото претседателството со ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен претходно повика на суспензија на сите летови до и од земјите каде што е идентификувана значително еволуирана варијанта на коронавирус.

Израел, Сингапур и Мароко се меѓу најмалку десетина земји кои денеска исто така побрзаа да воведат забрана за влез од Јужна Африка, додека експертите на Светската здравствена организација (СЗО) се сретнаа со јужноафриканските научници за да разговараат за варијантата на коронавирусот и ризикот што таа го носи.

Во меѓувреме, Белгија го објави откривањето на првиот познат европски случај на новата варијанта на нејзина територија, во тест од 22 ноември на лице кое никогаш претходно не било позитивно тестирано за ковид-19.

„Имаме случај кој сега е потврден за оваа варијанта. Мора да се повтори дека ова е сомнителна варијанта, не знаеме дали е многу опасна варијанта“, изјави белгискиот министер за здравство Франк Ванденбрук на прес-конференција.

Тој не соопшти повеќе детали за белгискиот случај. Според него, се работи за мерки на претпазливост и не треба да се паничи.

Водечкиот виролог, Марк ван Ранст, објави на Твитер дека пациентот од Белгија се вратил од Египет на 11 ноември. СЗО ја следи новата варијанта и одржа итен состанок на 26 ноември за да разговара што значи тоа за пандемијата и вакцините.

Досега, варијантата е главно концентрирана во Гаутенг, најнаселената провинција во Јужна Африка, но исто така е идентификувана во Боцвана и Хонг Конг меѓу патниците од Јужна Африка.