Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши изјави дека партијата ќе се води од очекувањата на своите гласачи, интересите на Албанците во земјата, како и државните интереси кои се тесно поврзани со нивните партиски и национални цели.
„Ако во преговорите видиме дека Зоран Заев навистина има искрена желба да ја спаси државата од овој грч, ќе се обидеме да му помогнеме. Длабоко сме заинтересирани за продолжување на евроатлантскиот курс на земјата, за отворање на преговорите за членство во ЕУ, за решавање на спорот со Бугарија и за политичка и економска стабилност.“, изјави Гаши во интервју за белградска „Политика“ чија партија вечерва на состанок на раководството треба да донесе одлука дали ќе се приклучи на парламентарното мнозинство и во владината коалиција или ќе остане во опозиција.
Ако СДСМ и ДУИ, наведува Гаши, сакаат само четири пратенички гласа, а не ги сакаат нивните програмски определби да бидат ставени во владината програма и ако не се подготвени да воспостават рамнотежа меѓу политичките актери на власт, Алтернатива нема посебен интерес да влезе во таа влада. Затоа како што порачува тој, не може да го прејудицира исходот.
За релациите со ВМРО-ДПМНЕ, пак, лидерот на Алернативна посочи дека комуникацијата е на ниво на опозициски партии во рамки на договорот за меѓусебна поддршка на локалните избори.