Украинската разузнавачка служба открила планови за организирање државен удар во Украина од страна на луѓе од Русија. Според плановите ударот требало да се случи следната недела, соопшти денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој за време на прес-конференцијата не даде целосни детали за заговорот, ниту го обвини Кремљ за директна вмешаност.
Кремљ брзо негираше каква било улога во каков било заговор за државен удар.
На прес-конференцијата на која учествуваа новинари од Украина и странство, Зеленски исто така рече дека Украина е подготвена за каква било ескалација од страна на Русија. Коментарите доаѓаат по извештаите за распоредување на многу руски војници во западните региони на Русија и во нелегално анектираниот полуостров Крим.
Медиуми, вклучително и „Њујорк тајмс“ и „Блумберг“ цитираат американски функционери кои предупредуваат дека Русија би можела да нападне оваа зима, а некои велат дека потенцијалната инвазија би можела да биде во многу поголема мера, отколку во 2014 година, кога Русија го зазеде Крим.
Зеленски рече дека има „одредени аудио снимки“ во кои неодредени луѓе од Украина и Русија дискутираат за спроведување на таков план на 1 или 2 декември. Украинскиот претседател вели дека началникот на неговиот кабинет, Андриј Јермак наскоро ќе контактира со претставници на Русија за да разговараат за судирот меѓу двете земји. Одделно, Јермак рече дека ќе контактира со Дмитриј Козак, заменик-шефот на кабинетот на претседателот Владимир Путин.