Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема да ги коментира одлуките и состаноците на СДСМ на кои се одлучува како понатаму ќе функционира партијата. Мицкоски рече дека СДСМ прво треба да се коригира одвнатре, па потоа да најдат луѓе кои ќе испорачуваат работа.
„На Македонија и е потребна квалитет СДСМ, а не СДСМ кој ќе биде посветена на лоповлук, измами, предавства“, рече денеска Мицкоски по посетата на ОУ „Александар Македонски“ во општина Аеродром.
По оставката на лидерот на партијата и премиер Зоран Заев не очекува промени во власта, оти, како што вели Заев ќе си замине, а условно кажано заевизмот ќе остане.
„Претпоставувам се обидува да најде некој пион којшто ќе го продолжи неговиот лик и дело, и во Владата, и во СДСМ. Таму треба суштински да се сменат работите, но нема да навлегувам во дополнителни коментари и тие најдобро знаат како понатаму треба да функционираат. ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на испорака на она што им е ветено на граѓаните, рече Мицкоски.
Прашан што очекува од Алтернатива, одговори дека нема информации каков заклучок органите на партијата ќе донесат денеска на состанок на централното претседателство и дека не разговарал на таа тема со лидерот Африм Гаши.
„Алтернатива има две опции – да ја прифати понуда на Заев и да влезе во оваа влада, која ние ја оценуваме со најниска оценка и е можеби најлоша во 30 години независна Македонија, или да остане во опозиција“, рече Мицкоски.
Партиските органи на социјалдемократите денеска ќе се изјаснат за оставката на нивниот лидер Зоран Заев. И раководството на Алтернатива денеска треба да реши дали влегува или не во владината коалиција на СДСМ и ДУИ.