Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска соопшти од дека е подигнато обвинение против министерот за безбедност на БиХ, Селмо Цикотиќ, кој се товари дека го оштетил буџетот за околу пет милиони евра.
Во соопштението се наведува дека Цикотиќ се товари дека од 2009 до 2011 година, додека беше министер за одбрана на БиХ, ја злоупотребил службената положба продавајќи оружје, муниција и воена опрема на хрватската фирма Скаут.
Во обвинението се наведува дека Цикотиќ целосно незаконски и без законски процедури, без да ги извести своите заменици, како и Претседателството на БиХ, ги променил договорите со фирмата Скаут од Загреб, која наместо застарено оружје и муниција, кои биле наменети за отпис и продажба за да се намалат трошоците за складирање и одржување, овозможил извоз на оружје и муниција со повисок квалитет.
На тој начин го оштетил буџетот на БиХ за околу 9,7 милиони конвертибилни марки (околу пет милиони евра), а прибавил и имотна корист од неколку милиони, соопшти Обвинителството на БиХ.
Обвинението против Цикотиќ е проследено до Судот на БиХ на потврда.