Во Бугарија почна проверката на патиштата

Местото на несреќата на автопатот Струма

Во бугарското Врховното управно обвинителство (ВАП) е отворено досие за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма, во која загинаа десетици македонски граѓани.
Согласно наредба на јавниот обвинител, ВАП ги ангажираше Министерството за регионален развој и јавни работи и Државната агенција за безбедност на патиштата да извршат итна проверка на знаците, ознаките на сите патишта во Бугарија со цел да се исполнат сите барања за континуиран, безбеден и удобен сообраќај.

Проверката на патиштата ќе ја вршат овластени бугарски и меѓународни експерти, а ќе бидат побарани и целосни податоци од невладините организации активни на полето безбедноста во сообраќајот.

Резултатите од инспекцијата треба да се сумираат во извештај што ќе биде испратен до ВАП. Извештајот треба да содржи дали има непочитување на важечките правила, конкретните мерки и дејствија преземени за отстранување на кршење на законот и последиците од тоа, како и информации за санкционирање на сторителите.

Во случај при увидот да се утврдат податоци за кривични дела од општ карактер, тие задолжително се испраќаат до надлежните обвинителства и до Министерството за внатрешни работи.
Во тешка сообраќајна несреќа на македонски туристички автобус во Бугарија на почетокот на неделава загинаа најмалку 44 луѓе, а седуммина беа повредени.

Бугарските обвинители посочија дека човечка грешка е водечка и главна причина за трагедијата на автопатот „Струма“, а дополнително за несреќата влијаеле лошата сигнализација и ознаките на патот, но и лоша организација на сообраќајот.